Пред почетокот на Европското првенство во ракомет, што ќе се одржи во Словачка и Унгарија во јануари, беше промовирана првата навивачка ракометна химна „Европско од сон“. Автори на песната се Огнен и Филип Неделковски, кои во јавноста се познати и како големи љубители на ракометот.
За песната е снимен и спот во кој учествуваа навивачи од Скопје, Дојран, Струмица, Куманово и Тетово. Во видеото се ставени и фотографии од навивачите кои не можеле да дојдат на снимањето, но се постојано со македонската репрезентација и ја бодрат на натпреварите. Тука се и снимки од ракометарите и нивните настапи на европските и светските првенства, голови, одбрани и додавања за кои навивачите зборуваат и денес.
Македонија во јануари седми пат ќе учествува на ЕП во ракомет. Натпреварите овој пат ќе ги игра во Дебрецин, Унгарија, и тоа против Словенија на 13 јануари, со Црна Гора на 15 јануари, а на 17 јануари го има последниот натпревар во групата против Данска.