Стоечки овации и аплауз за македонскиот пијанист Симон Трпчески и „Македонисимо“ во Германија. Македонскиот пијанист го претстави музичкиот проект во Мајнц, Германија.
„Македонисимо“ на Трпчески имаше светска премиера во 2017 година во Лудвигсбург, Германија, а претпремиера во родното село на Трпчески, Збажди на планината Караорман.
Македонските песни и ора во „Македонисимо“ добија посебен музички јазик и беа обоени на поинаков начин, мешавина од нашата традиционална музика и различни музички стилови.
„Прекрасна реакција на „Мајнзер музичко лето“ за одличен камбек на „Македонисмо“ во Германија. Повеќе од снимањето на SWR Radio и нивниот одличен тим. Одлична атмосфера и за оддавање почит на 120-годишнината од Денот на народното востание – „Илинден“ и малку пауза пред следниот концерт во природната околина на родното место на мајка ми во Југоисточна Македонија на крајот на овој месец“, рече Трпчески.
Реакциите на публиката за „Македонисимо“ се запишаа и на социјалните мрежи каде нашинци кои го слушале виртуозот напишаа: „Прекрасно и незаборавно искуство во преполната сала. Ги згреавте и разигравте срцата на ладните Германци со безвременската изворна македонска музика. Горди сме со вас и покрај вас што сме Македонци од Македонија“, „Благодарам и браво за Симон Трпчески. Македонија вечна“, „Прекрасни сте „Македонисмо“ секоја чест“, беа дел од коментарите.