(Видео) Слаткар препеа народна песна: Спој на хип-хоп и традиција, вели дека ова е хит

Еден од најпознатите македонски хипхопери, Марко Слаткар, ја преработи старата народна песна „Распукала Шар Планина“. Познатиот рефрен го дополни со текст во негов стил и за „Репортер“ вели дека новата верзија на оваа песна ќе биде вистински хит.

„Треба да се модернизира и ‘реновира’ нашата музика. За новите генерации оваа песна е непозната, ама сигурен сум дека од денес ќе им биде химна“, ни рече Слаткар.

Тој ни раскажа дека одамна сакал да направи ваков спој на музиката. Песната што ќе ја преработи ја избрал лесно, оти го потсетува на детството.

„Фамилијата на мајка ми потекнува од Западна Македонија, па имав посебни чувства кон песнава. Кога ќе тргнеш од својот корен, биди сигурен дека ќе стигнеш на точното место“, додава Марко.

Со песната, Слаткар промовираше и спот, кој за еден ден има над 50 илјади прегледи. Видеото го режираше Крсте Шупев, а е снимено на неколку локации низ Македонија.

(А.Ј)

Scroll to Top