(Видео) Сузана Турунџиева среде час танцуваше со ученичка во инвалидска количка: Дени е најголемата херојка во мојот живот 

Пејачката и водителка Сузана Турунџиева објави емотивно видео како среде час танцува со Дени, девојче во инвалидска количка од основното училиште „Гоце Делчев“. Сузана, која предава Танци и ора во училиштето, вели дека Дени е најголемата хероина што ја познава оти не дозволува попреченоста да ја спречи да ужива во животот. Видеото измами емоции кај пријателите на Сузана, кои велат дека им ја разнежнила душата.

„Постојат многу видови на танци, ама најмногу ги сакам оние кога танцува срцето. Кога мојата ученичка Дени на часовите по Танци и ора седна во прва клупа и ме праша: ‘Наставничке, дали денеска може јас да танцувам’, по не знам кој пат сфатив дека не постои пречка која може да ја спречи и дека таа е најголемата хероина во мојот живот: полна со љубов, добрина, човечност и музика. Дени, златно наше девојче, ти благодариме што си наша гордост“, напиша Сузана.

Не е тајна дека Турунџиева често им помага на луѓето и е дел од многу хуманитарни акции и концерти. Таа со своите пријатели ѝ помогна на Атиџе од „Медена земја“ да го доизгради и уреди домот во Дорфулија, а организираше и операција на очите на нејзиниот брат Феим за да му се врати видот. Малкумина знаат и дека Сузана ѝ помагаше и на покојната Атина Бојаџи, македонската пливачка која го преплива Ла Манш.

„Јас низ животот се трудев да ѝ помогнам. Особено сум слаба на херојки. Покојната Атина Бојаџи беше исто така една од оние силни жени кои соочени со безброј животни пречки, осамена и заборавена од сите, освен од малкуте пријатели што ѝ останаа, не можеше да излезе на крај со лошите услови и неправдите во животот. Таа живееше сама во гарсониера, која ѝ беше привремено доделена, а нејзините месечни приходи беа едвај 6.000 денари“, рече неодамна Сузана во разговор за „Репортер“.

„Тивко ја исплакав, ја сместив во срцето и си ветив дека ќе ѝ го разубавам животот“- Сузана Турунџиева за пријателството со Атиџе

Scroll to Top