(Видео) Васил Гавранлиев: Над сто деца ја пееја песната што порано ми будеше горчливи спомени

Васил Гарванлиев заедно со над сто деца ја испеа песната „Татковина“, која Грег Џеспер му ја посвети во времето кога беше депортиран од Америка со неговото семејство. Истата оваа песна, сега Васил и членовите на хорот, ја снимија онлајн, а беше дел од божикниот концерт на Детскиот хор на Чикаго. Во разговор за „Репортер“, Васил ни кажа дека и по 17 години, оваа песна му буди тажни и горчливи спомени, кои го навраќаат на еден од најтешките периоди во животот.

„Песната претходно беше испеана на ‘Златно славејче’ и во тоа време ми беше една од омилените. Па кога во 2003 година бевме депортирани од Америка, Грег Џеспер го преработи аранжманот и ми ја посвети мене. Таа и понатаму ги буди најгорчливите сеќавања од нашата депортација, а денес буди уште посилни чувства во мене и ја пеам со полна душа заедно со уште 112 деца. Детскиот хор на Чикаго е хорот со кој пораснав и имав можност да застанам на светските сцени, како Кернеги Хол, Грент парк, и да пеам со маестрални уметници, како ЈоЈоМа и Ар Кели“, ни рече Васил.

Освен што заедно ја испеаја оваа песна, Васил им одржал и неколку часови на децата од хорот.

„Особена чест ми беше да ги одржам овие мастер-часови, а радоста беше уште поголема бидејќи зборував за македонската музика и традиција. И јас пеев пред две децении во тој хор“, вели Васил и ни откри дека главниот диригент на хорот, Џозефина, e номинирана за „Греми“ оваа година.

Претходно, во интервју Васил ни раскажа дека кога се преселил во Америка не зборувал англиски, но почнал да пее во Детскиот хор на Чикаго и тоа му помогнало побргу да се вклопи во новата средина и да стекне пријатели.

(А. Ј.)

Scroll to Top