Децата членови на ФА „Бисери“ и хорчето „Весели бисерчиња“ и дуото Блек Мун снимија песна во знак на поддршка на лицата болни од ретки болести. Хорот и дуото „Блек Мун“, кое го сочинуваат Мила Тренеска и Билјана Буџоска, под раководство на уметничкиот раководител, Татјана Узуноска Тренеска, ја снимија песната „Ретка песна“, чиј автор, музика и текст е на Тренеска.
Во тек е националната кампања „Ги запознаваме ретките болсти 2021“, а цел Охрид блеска во боите на ретките болести со илуминацијата на значајните историски споменици и објекти чии фотографии го обиколија светот.
„Секогаш се трудиме да сме дел од хуманитарни настани, со цел децата покрај игра и песна да ги запознаат вистинските вредности во животот, почит, сочувство, еднаквост меѓу луѓето. Спонтано, инспирирана од кампањата за ретки болести се роди песничката. Веќе четврта година вредно работиме во одржување и изучувањето на традицијата. По четврти пат сме вклучени во кампањата за ретки болести, а оваа година спонтано, со посебна инспирација, се роди песна, која ги израдува дечињата, членови на хорчето „Весели бисерчиња“, оркестарот и пејачката група. Се почувствувавме среќни и горди што и ние ќе дадеме еден мал придонес за децата со ретки болести. Аранжманот за „Ретка песна“ е на Јовица Карали, а во оваа пригода би ги поздравила луѓето кои на каков било начин ме поддржаа во остварување на овој проект. Тоа се пред сè родителите на децата, членови на ФА „Бисери“ и хорчето „Весели бисерчиња“, Мила Тренеска и Биљана Буџоска од дуото Black Moon, Гордана Лолеска, жената борец и носител на оваа кампања, Ка 2 Продукција, Јовица Карали, Ин Тв, Ване Петкоски и други“, вели Тренеска.
На почетокот на месец февруари беше одбележан стартот на кампањата „Ги запознаваме ретките болести“, која годинава ја бележи третата сезона. Со нови 28 ретки дијагнози во аудио, видео и текстуална форма, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 дена, и оваа година ја запознава јавноста со ретките болести.