Десетте маратонци, кои и оваа година трчаа во чест на Тоше Проески, денес напладне стигнаа во Крушево. Со црвени ружи во рацете тие првин застанаа во центарот на градот и три пати извикаа: „За кого? За Тоше“. „Ветивме дека ќе истрчаме 26 маратони, колку што ти имаше години. Денеска е тринаесеттиот,“ рекоа маратонците, а потоа, и покрај дождот, продолжија да трчаат до Меморијалниот центар и до гробот на Тоше на Гумење.
„И небото плаче за Тоше“, коментираа на социјалните мрежи покрај видеата од маратонците. Поради пандемијата на коронавирусот, тие оваа година во спомен на Тоше трчаа само во Македонија, од граничниот премин Табановце преку Скопје до Крушево. Двајца претставници на маратонците истрчаа симболични 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, и положија цвеќе на местото на несреќата каде што загина музичката ѕвезда.
Тоше Проески загина во близина на Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година. Оттогаш секоја година група маратонци трчаат од Нова Храдишка до Крушево во негова чест.
Фото: Д. Перковски