Поп-пејачката Тамара Стојковска објави видеоспот за својата нова песна „Жедни”. Вчеравечер, пак, ја објави акустичната верзија на својата песна „Жедни”, во која на гитара ја придружуваше Марио Гогов. Видеото го изработи Кристијан Шемко, а снимано е во „Џевахир скај-сити“.
За песната „Жедни“, за која сама го напиша текстот, Тамара инспирацијата ја најде во љубовните двојки, кои, вели таа, живеат по наметнати правила, па затоа заглавуваат со луѓе и одлуки што не ги прават среќни.
„Луѓето веќе коментираат – тоа е реалноста и, за жал, токму од реалноста ја добив инспирацијата за текстот. Мислам дека сѐ повеќе луѓе живеат по тие наметнати правила и заглавуваат со одлуки и избори што не ги прават среќни. Некои од нив и точно знаат што навистина им треба, но не се храбри да се борат за сопствената среќа“, рече Тамара неодамна за „Репортер“.