Владата им подели 29.000 денари на пејачите и ги налути оние што не добија ништо

Владата на некои од уметниците им исплати 29.000 денари, односно по 14.500 денари за април и за мај, на уметниците за кои комисија проценила дека се во незавидна состојба.

И покрај поделените пари, имаше незадоволни естрадни уметници, кои на своите профили ја споделуваат листата со имиња на нивни колеги за кои тврдат дека добиле државна помош поради корона-кризата и обвинуваат дека многу од нив не требало да добијат ниту денар бидејќи не се социјално загрозени.

На листата има голем број имиња од фолк, а помалку од поп-естрадата. Ѓоко Танески, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Ивица Брчиоски („Ареа“) од забавната сцена, а од фолк-муизчарите пари добиле Сузана Гавазова, Анета Наковска, Благица Павловска, Ирена Спасовска, Вики Среброва и нејзиниот син Нико Сребров, Цане Петров, Горан Кукиќ, Златко и Влатко Миладиноски, синот на Војо Стојаноски, Дамјан, Татијана Стефановска, Ани Малинкова и други.

Во периодот на пандемијата најбурно реагираа уметниците што пеат на свадби, кои реално беа најпогодени од кризата бидејќи семејните веселби беа забранети веднаш во март. Но, изборот сега ги налути нивните колеги кои пеат само на свадби, а немаат турнеи, па тие обвинуваат дека финансиска помош им се доделила на музичари што пред кризата имале голем број настапи и турнеи кај нашата дијаспора и дека тие не се во незавидна положба. Некои од нив и сега настапувале во локали според новите протоколи, а оние на кои помошта им била најпотребна останале без денар целиот овој период.

На крајот на август Владата донесе измени во врска со забраната за организирање музички настапи. Се дозволи да се одржуваат настапи во живо во отворени и затворени делови на угостителските објекти, а уметниците што треба да се во состав најмногу до пет члена, да бидат на бина која е пет метри оддалечена од првите маси.

 

Scroll to Top