Влатко Ѓорчев по 25 години политика реши да работи приватно, вели животот оди понатаму

Влатко Ѓорчев, кој беше долги години пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, отвори своја фирма па реши да  работи во реалниот сектор. Така вели тој на Фејсбик каде што кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетинг, советување, трговија и услуги и дека со ова животот оди понатаму.

„Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша Ѓорчев.

По објавата на овој пост, по неколку часа објави уште еден во кој вели: „Да нема дилеми, останувам ангажиран и активен во ВМРО-ДПМНЕ. На терен, во комитетите, со членството. Нема откажување“.

Ѓорчев е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 година, а веќе следната година беше избран за член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и за член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.  Првпат како пратеник во Собранието е избран на изборите во 2006 година.

Scroll to Top