Влатко Стефановски ја почнува регионалната турнеја и голем концерт во Белград

Влатко Стефановски тргнува на регионална турнеја. На концертите, покрај добро познатите хитови, ќе го претстави и новото студиско издание Taftalidzе Shuffle.

Подмладената тројка, која покрај Влатко ја сочинуваат неговиот син Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара, денес имаат настап во Панчево, по што ќе заминат за Хрватска.

Триото Влатко Стефановски в петок ќе настапи во Загреб на „Бундекфест”, а следниот ден во Осиек. Турнејата продолжува на 4 јули со концерт во Палиќ, по што следат настапи во Трогир на 9 јули, во Шибеник на 10 јули и на Брач на 11 јули.

Словенечката публика ќе има можност да види концерт во Нова Горица на 17 јули, додека на 20 јули Влатко Стефановски ќе настапи во Будва, на култната манифестација „Град Театар”.

На 30 јули ќе има голем концерт на стадионот „Ташмајдан” во Белград.

„Влатко Стефановски покажа ненадмината техника и уникатен сензибилитет подеднакво успешно во етно и рок, но и во блуз, фанк и џез-жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележуваа како уметник. Во текот на својата кариера Влатко ја делеше сцената со најголемите гитаристи во светот, вклучувајќи ги Томи Емануел, Јан Акерман и Сточело Розенберг, а регионалната публика секогаш покажуваше длабока почит и интерес за неговата музика“, порачува Croatia Records.

 

Scroll to Top