Во деведесеттите изборот за мис беше еден од најгледаните настани, а победничката преку ноќ стануваше позната: Ана Биновска повторно ѝ се врати на модата

Ана Биновска, иако не е толку актуелна во јавноста, ретко кој ја има заборавено. Таа беше мис на Македонија за 1998 година. Со манекенството и работата на телевизија се занимаваше кон крајот на деведесеттите, па сѐ до 2009 година кога се повлече од јавната сцена. Денес е мајка на две деца, сопруга, доктор на науки од областа на менаџментот. Неодамна, по подолго време, ѝ се варти на модата за да сними фотосесија со уште три познати дами од модната сцена. И ова беше доволна причина да го привлече вниманието и да се присети на времињата некогаш, но и што прави денес.

Како беше по подолго време да снимате фотосесија со уште три дами, без кои во деведесеттите не можеше да се замисли модната сцена?
Чувството да се застане пред камерата и да се биде дел од модна фотосесија по многу долго време беше прекрасно. Позитивната атмосфера на самото снимање, посветеноста на целокупната екипа од „Фешн груп“, смиреноста на фотографот Бојан Стоилковски и стајлингот на Зоран Шурбевски го изнесоа на виделина најдоброто од четирите нас. Замислата на „Фешн груп“ беше да ја претстават есенската колекција, која е во ретро стил, преку четири дами што го обележаа периодот на деведесеттите. Иако изборот падна токму на нас (Тања, Светле, Вера и јас), мислам дека тој период го обележаа уште многу убави дами од модната сцена.

Како дојде до соработката и како помина дружбата со колешките? Имате ли можност да се гледате често или обврските не ви дозволуваат?
Сите три исклучително многу ги почитувам и многу сум му благодарна на „Фешн груп“ што нè покани сите заедно да бидеме дел од оваа кампања. Главна за сѐ ова и што нѐ обедини во овој состав беше Тања Стојановска. Беше убаво да се видиме со Тања, Светле и со Вера по долго време. Дружбата за време на фотосесијата помина одлично. Позитивната енергија сè уште нè држи и по фотосесијата, така што ние четирите продолживме и приватно да се дружиме во истиот состав.

Во 2009 се повлече од јавната сцена, што правеше од тогаш наваму?
Последниот проект на телевизија го одработив во 2009 година кога бев бремена со моето прво дете. Се работеше за емисијата „Мали тајни“ во организација на „Мунлајт продукција“. Во годините што следуваа се фокусирав и се реализирав на други животни полиња, пред сè, како сопруга и мајка на два сина. Во 2016 година докторирав на Економскиот факултет во Скопје, на тема од областа на менаџментот, а веќе 13 години работам во компанијата „А1 Македонија“.

Мајка си на два сина, тие се десет години разлика? Како излегуваш на крај со еден 12-годишен речиси тинејџер и со двегодишно дете?
Тоа е навистина голем предизвик. Калин има 12 години и е ученик во седмо одделение, а Илин има 2 и пол години и од септември почна да оди во градинка. На двајцата потребите и интересите сосема им се разликуваат и понекогаш е тешко да се направи рамнотежа. Сепак, со добра организација, поддршка од најблиските и со многу љубов и трпение успевам да одржам баланс.

Беше мис на Македонија, настан што последен пат се одржа во хотелот „Силекс“ во Охрид?
Тоа беше последниот избор „Мис на Македонија“, организиран од страна на „Екран“, кој се одржа во хотелот „Силекс“ во Охрид. На изборот му претходеше еднонеделно заедничко дружење и патување на учесничките во неколку градови на Македонија во рамките на таканаречениот „Карван на убавината“. Искрено, не очекував дека токму јас ќе ја понесам титулата мис на Македонија. Но, на самата финална вечер, како што главните фаворитки една по една добиваа титули, почнав да се прашувам што се случува и дали е возможно токму јас да ја понесам круната. Учесничката до мене ме држеше за рака велејќи ми јас да победам и сакаше прва да ми честита. На крајот, така и се случи. По изборот на мис, претпоставувам почнаа и понудите за реклами, ревии…

Одеднаш стана позната, како беше да се живее со таа популарност?
Во тоа време изборот „Мис на Македонија“ беше еден од најгледаните телевизиски настани во Македонија и се пренесуваше во живо на МРТВ. Победничката на изборот буквално преку ноќ стекнуваше популарност. Следната вечер, по изборот, додека со моето семејство се шетавме низ охридската чаршија, забележавме дека сите луѓе гледаа во мене, ме препознаваа и го спомнуваа моето име. Ми беше многу чудно како одеднаш сите го знаат моето име. Само што дојдовме во Скопје, го вклучивме телевизорот и видовме дека на МРТВ се емитува наградна игра на маестралниот Игор Џамбазов. Тој телефонира на случајни телефонски броеви и им поставуваше прашања на луѓето. Главното наградно прашање беше како се вика новата мис на Македонија. На мое огромно изненадување човекот на кој му беше поставено прашањето го кажа моето име и доби награда за тоа. Токму тогаш, во тие моменти, почнав да ja сфаќам моќта на титулата мис на Македонија. Нормално, потоа следуваа многу понуди, телевизиски гостувања, светски избори, модни ревии, реклами, фотосесии, работа на телевизија. И по толку многу години, сè уште ми се случува некој да ме препознае.

Зошто се повлече од јавноста? Дали денес ти недостигаат тие времиња?
Едноставно, настаните во животот ме однесоа во друга насока и ми овозможија да се реализирам на други полиња. Тоа навистина беа убави времиња, имаше голема дружба, меѓусебна соработка и помагање. Но, лично мислам дека секоја животна доба си има своја убавина. За десетина години, сигурно ќе ми недостига овој период сега, кога моите деца се мали и можам да ги гушкам и да бидам активен дел од нивниот живот. Затоа, секогаш се трудам да живеам во сегашноста и да бидам благодарна за секој момент поминат со најблиските.

Се дружиш ли со некои манекенки и модели од таа генерација кои беа дел од јавната сцена? Со манекенството се занимавав на преминот од деведесеттите години кон првата деценија на двеилјадиттите, па имав можност да соработувам и да се дружам со манекенките од две генерации. Со некои од нив сè уште сум во контакт и приватно, а со други повеќе преку социјалните мрежи.

Кој е твојот став за убава жена, особено сега кога ретко кога може да видиме жена без фотошоп или естетски корекции? 
Во денешно време, кога ни се достапни разни козметички процедури и естетски интервенции, навистина е реткост да се сретне природно убава жена. Лично, немам ништо против естетските корекции, но само кога се направени суптилно и умерено, онолку колку што е потребно за да се прикријат ситните недостатоци и да се нагласат убавите црти на лицето. За жал, сведоци сме дека многу често се претерува со естетските корекции како резултат на што лицето изгледа вештачко и искривено, до степен на непрепознатливост. Со тоа се губат препознатливите црти што ставаат печат на индивидуалноста на личноста. На крајот од денот, среќата и внатрешниот мир се најдобрата естетска корекција. Само среќна и насмеана жена е убава жена.

Александра Георгиев

 

 

Scroll to Top