Во Македонија нема меродавни манифестации, рече Елена Ристеска по наградата во Србија

Пејачката Елена Ристеска ја доби наградата „Личност на годината во светот на поп музиката“, на манифестацијата што се одржа во Соко Бања, Србија. Таа се пофали дека е една од седумте дами кои се наградени во разни области. Рече и дека оваа награда ѝ е посебно драга, оти во Македонија веќе немало меродавни манифестации кои ги наградуваат успесите на јавните личности.

„Уште една награда на моите полици дома, меѓутоа уште една сатисфакција и спомен во моето срце и уште едно признание за овие 19 години музичка кариера. За жал, во мојата земја сè помалку постојат меродавни манифестации за успесите на јавните личности. Како и да е, сите награди ми се значајни особено оние кои доаѓаат од странство, тоа е знак дека добро ја претставувам својата земја Македонија во светот“, напиша Елена на Инстаграм.

На настанот Елена се дружеше и со црногорскиот пејач Бојан Маровиќ, а рече и дека интервју ѝ правела Сузана Манчиќ.

Пејачката неодамна во Истанбул ја доби наградата за најдобар македонски уметник.

Scroll to Top