Во претходните романи сум била и немилосрден маж, Ксенија Николова промовира нова книга

Писателката Ксенија Николова денес ја промовира нејзината шеста книга, „Незадоволна“, во издание на книжарницата „Култура“. Книгата на која работеше една година, овојпат ја напиша во женски род, иако повеќето нејзини книги ги пишува како машки лик. Во новата книга, Ксенија, се води од прашањето што си го поставува секоја жена, „дали сум во право“, па оттаму и насловот на книгата.

Ксенија ја промовира „Незадоволна“ среде пандемија. Во разговорот ни откри дека не станува збор за храброст да претстави нешто ново додека светот стои во место, туку дека пишува затоа што има нешто да каже.

„Кога светот спие, се пишуваат најубавите приказни. Инспирацијата е неверојатно присутна кај мене низ годините, едноставно чувствувам поплава од емоции и нешта што сакам да ги кажам, па затоа не престанувам да творам. Овој роман им го посветувам на моите дами. Се надевам, дека моите зборови ќе им ги доближат оние скриени хоризонти за кои честопати избегнуваме да размислуваме, бидејќи тоа нè збунува и нè тера да се запрашаме – дали сум јас во право?“, рече Ксенија пред промоцијата.

Овојпат, вели, немала воопшто дилема дали приказната во „Незадоволна“ ќе ја раскаже како жена или како маж. Признава дека трансформациите се она што најмногу го сака во нејзината професија.

„Јас имам можност да се трансформирам и навистина уживам во секоја секунда од тој процес. Во претходните романи сум била и немилосрден маж, изгубен и тажен човек, кловн, сум била и гулаб, сум била многу различни нешта. Во тоа време кога го пишувам романот, јас навистина живеам како главниот лик, небаре сум навистина тој. Во мислите ми е постојано, знам како изгледа и можам да го почувствувам во мене. А потоа, по секоја промоција е исто – ликот повеќе го нема, го пуштам од мене и мојата приказна веќе не е моја, туку на читателите“, додава Ксенија.

Во нејзините книги, но и во инспиративните цитати што ги споделува на социјалните мрежи, Ксенија често зборува и за анксиозноста, состојба со која таа се справува веќе 12 години. На почетокот ни самата не знаела што ѝ се случува, но решила да си помогне, да се соочи со ситуацијата и да им помогне и на другите што патат од анксионост.

„Со анксиозноста веќе одлично се познаваме, таа е дел од сè што правам на некој начин. И во целокупното мое творење честопати има моменти кога некој лик се бори со нешто, страда и се мачи. Таа борба е секојдневна, но колку и да е тешка, истовремено е и прекрасна. Јас пред 12 години првпат се соочив со анксионоста, во време кога ни самата не знаев што е тоа. Бев преплашена, но полека со годините истражував, си помагав, барав помош и успеав да научам да живеам со неа, ама и отворено да зборувам за тоа. Да се живее со анскионоста на моменти е малку тажно, затоа што некои прекрасни работи остануваат нереализирани, бидејќи стравот ме победува. Но, јас се борам и секој ден сум посилна“, вели таа.

Освен цитатите за борбата со анксиозноста, Ксенија секојдневно споделува среќни и позитивни мисли на „Инстаграм“. Нејзините пораки, потоа, луѓето ги цитираат и шеруваат… На прашањето дали некогаш помислувала дека нејзините зборови ќе допрат до толку многу девојки, Ксенија вели дека тоа никогаш не ѝ била целта и дека е многу изненадена од сè што ѝ се случува.

„Не го планирав тоа, па можеби и затоа се случи. Пишувањето е мојот воздух, тоа ме дефинира во целост. Сè што излегува од менем навистина излегува од едно искрено и недопрено место, а јас воопшто не размислувам за тоа како некој ќе го доживее и дали некому ќе му се допадне. Не правам компромиси кога станува збор за мојата уметност и тоа е единственото место од каде што црпам чиста и ни малку валкана енергија. Затоа и никогаш не се осмелувам да го уништам со очекувања“, вели писателката.

 

Scroll to Top