Во војната во Украина загубив блиски пријатели: Тони Танчевски, најпопуларниот водител од 90-тите, се врати во Скопје

Тони Танчевски беше еден од најпопуларните водители во 90-тите години. Генерациите од тоа време и денес се сеќаваат на дечкото во шарените кошули и црната кожена јакна, кој ја водеше топ-листата на „Канал 3“ на Македонската телевизија. Емисијата преку ноќ го направи миленик на публиката и поради тоа добиваше купови писма од обожавателките од цела Македонија. Во тоа време Тони важеше за ѕвезда, им беше „дечко на девојките од неговата генерација“ и речиси да немаше јавен настан на кој тој не се појавуваше.

По повлекувањето од медиумите, замина да живее во Украина. Поради конфликтот, тој е дојден во Скопје и ова беше можност екипата на „Репортер“ да направи интервју со него.

„Од 2015 година живеев во Маринопул, во близина на театарот, и тогаш работев во ОБСЕ. Лани во август сменив работа и со сопругата се преселивме во Одеса. Некаде во ноември веќе имаше најави за конфликтот и новата фирма во јануари нè испрати сите дома. Кога почнаа бомбардирањата, сето тоа го доживеав трагично, исто како кога загубив родител. Моите бивши колеги од ОБСЕ останаа и се евакуираа дури кога почна војната“, вели Тони и ни откри дека е тажен што неколку негови блиски пријатели и нивните семејства загинаа последниве месеци во бомбардирањата.

Од една страна, муабетите за Украина, а од друга, за времето кога беше омилен водител кај девојките. И денес, вели, му е непријатно кога ќе се сети како го гледале кога ќе отиде во дискотека, додека се возел во автобус или шетал на улица.

„Во редакција стигнуваа вреќи со писма, можеби по 1.000 неделно. Се трудев да одговорам на повеќето, да им напишам барем по еден ред и ги праќав по пошта. Се сеќавам, имав многу трема првиот пат кога застанав пред камерите и кога се запали црвената светилка на камерата. Потоа беше полесно. Стилист немавме, секогаш сам си ја избирав гардеробата, а кожената јакна што ја носев беше на мојот најдобар пријател. Тој беше рокер, јас бев шминкер“, се сеќава Тони на минатото и вели дека најмногу од сè му недостигаат дружбите со колегите и во телевизијата и на „Скај радио“, каде што со години имаше своја емисија.

Малкумина знаат дека пред да стане водител професионално играше фудбал. Почна во „Вардар“ со генерацијата што во 1984 година го освои Купот на Југославија. Подоцна требаше да направи трансфер во Шкотска и да ја остави телевизијата, но тоа пропадна.

„Ако го потпишав договорот, ќе играв само фудбал и немаше веќе да бидам водител. Едно време бев како поделена личност, од една страна, емисијата, од друга, фудбалот. Си велев: Чекај Тони, имаш утакмица во недела, фокусирај се таму, зашто таа публика е друга, не се обожавателки, туку навивачи и не смееш да кикснеш“, вели низ смеа.

За тоа каде е денес и каков беше животот во Украина пред конфликтот, зошто се повлече од медиумите, како стана спортски новинар и како со Александар Сидоровски први ги донесоа шпанските серии во Македонија, но и за времето кога се криеше од девојките што го следеа во чекор… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска 

 

Scroll to Top