Вчеравечер во Младинскиот културен центар во Скопје се отвори изложбата на познатата алпинистка и уметница Илина Арсова со име „Повторно на нула“, која исто така ја промовира и својата нова книга „Планинарење“.
Изложбата беше склоп на слики, фотографии и личен видеозапис. Внмимание предизвика гола фетусна положба на Илина, која можеше да се пронајде во многуте фотографии. Токму тој перформанс, кој е со наслов ZERO („Нула“), го зема голото женско тело како симбол на искреност и зародок на едно ново човештво поблиску до корените, далеку од светот со искривени вредности.
На прашањето дали преку фетусот на сликите добиваме и некоја друга скриена порака, таа за „Репортер“ вели: „Финтата е што на некои места кај што го правев перформансот со полиција нè бркаа сметајќи го за срамен чин. Во време на тежок криминал, пљачка и трговија со луѓе голото женско тело во планина се смета за прекршок“, открива Илина за „Репоретр.мк“. Таа додава и дека со секоја искачена планина се потврдува фактот на маленкоста на луѓето кон моќната природа.
„И затоа фетусот означува нов почеток и зародок на човештвото, кое е само една нула во споредба со милионски старата природа и уште пошироко – универзумот“, ни изјави Арсова.
Идејата за оваа изложба е пандемијата на Ковид-19. Од тука и инспирација за изложбата и за прифаќање на новонастанатата ситуација. Таа вели дека ќе треба да почнеме од нула.
Уметницата беше во друштво на најпознатиот шоумен и актер Игор Џамбазов, при што измамија љубопитни погледи од страна на присутните.
Текст и фото: Марија Прличкова