Зоран Рудан – Цеки: Жељко Бебек го пеам оригинал, групата „Бијело дугме“ доби македонска реплика

Македонскиот пејач со неговиот бенд направија реплика од најголемиот рок ен рол бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“.

Тие се потрудија што повеќе да личат на оригиналните членови. И во изгледот со помош на шминката, периките, разните маски и облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, тие велат дека го копираат секое нивно движење, гест, изговорен збор.

„Групата постои околу 2 години, но поради пандемијата немавме услови за јавно да настапуваме. Во тој период  снимивме 7 спотови од познатите песни на легендарниот бенд. Идејата беше на Стевче Грозданов и тој беше иницијатор на целиот овој проект. Јас веднаш прифатив затоа што сум еден од најголемите фанови на ‘Бијело дугме“. Го пеам и изведувам Жељко Бебек оригинал. Почнавме како двојка, а на крајот пораснеме во бенд. Има бендови кои работат и копираат големи бендови слични како ‘Бијело дугме’, но како нас и начинот на кој го правиме ние ова нема. Ги пееме песните како од плоча. Плус ја потсетуваме публиката и со нивниот стајлинг за да потсетиме на тие години“, ни рече Цеки.

Македонската верзија на бендот насловена „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“ покрај пејачот Зоран Рудан – Цеки (како Жељко Бебек), ја сочинуваат и гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов – Боби (како Лаза Ристовски), Давор Јордановски и Мирослав Милковски (како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ – Зу).

„Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ноќас да те немам“,  „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и  „Ево, заклет чу се“, се само дел од песните кои најмногу ги изведуваат.

Цеки со неговиот бенд им го врати сеќавањето на најжешките фанови и им ги освежија емоциите потсетувајќи на оригиналната група која „растураше“ со концерти низ цела Југославија, па и пошироко. Тие се надеваат дека еден ден ќе можат да одржат и концерт. Планот им е да ја освојат не само публиката во Македонија туку и пошироко.

„’Бијело дугме’ е група која многу ја обожаваат не само во Македонија туку и во Бугарија и Грција, па се надеваме дека еден ден ќе можеме да настапуваме и таму“, ни рече Цеки.

Откако повеќе не постојат или стануваат сè понедостижни да се видат собрани заедно во нивните  оригинални постави, стана пракса легендарните светски бендови, но и оние од некогашните југословенски простори да добиваат свои реплики. Или копии верни на оригиналот.

Љубиша Владимиров

 

 

Scroll to Top