Последен концерт на проектот „Македонијо во срце те носиме“ во Скопје

Караванот „Македонијо во срце те носиме“ во четврток (12 октомври) доаѓа во Скопје. По Штип, Велес, Битола, Прилеп, Кочани, Тетово и Кавадарци убавата македонска песна ќе се слушне и во главниот град, каде ќе биде заокружен првиот дел од приказната наречена „Македонијо во срце те носиме“, а која во овој дел од турнејата опфати осум града. Скопскиот концерт ќе се одржи во паркот пред салата Расадник во Кисела Вода, а е со почеток во 20:30 часот.

На репертоарот веќе ви е добро познато ќе се најдат сите 12 песни од проектот – „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“… и, секако, химната на овој крај „Ми заплакало село Ваташа“…, а публиката ќе ги види и чуе Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе Алабаковски и Миле Кузмановски.

„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на Скендеровски продукција, а аранжманот на сите 12 песни е на маестро Николче Мицевски. Проектот има за цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до младите генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното – нашата земја и нејзиното наследство.

Дојдете заедно да пееме и да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и, се разбира, да го зачуваме највредното – музичкиот аманет што ни го оставиле генерациите пред нас.

Scroll to Top