Струмица синоќа како европски Рио

Најужниот град во Македонија, Струмица, синоќа беше како европски Рио, а членовите на групата „живи мртовци“, брачната двојка Орце и Натка Спасовски, на карневалскиот бал беа прогласени за принц и принцеза на прославениот Струмички карневал.

Сепак, најголемата атракција претставуваа гостите од холандскиот остров Аруба кој се наоѓа на Карипското Море во близина на венецуелскиот брег, кои во атрактивни и фантастични костими, особено девојките, настапија играјќи го танцот „сако“.

„Ние и лани бевме на Струмичкиот карневал. Оваа година сме побројни. Нашата карневалска група има 50 членови, а се претставивме со традиционалниот танц „сако“, кој е мешавина на музика и танц од Тринидад и Тобаго“, изјави Саира, водачот на карневалската група.

Принцот и принцезата ја водеа поворката од околу 500 учесниците на карневалот од Холандија, Германија, Хрватска, Србија и Бугарија, а карневалската грозница траеше до раните утрински часови.

Со оро, чочек, рок, староградска музика и танц од Арубите, но и со маски и шарени костими, Струмичкиот карневал уште еднаш потврди дека не случајно е избран меѓу седумте најатрактивни зимски настани во Европа

Тоа го потврди и претседателот на Европската федерација на карневалски градови, Феринанд Ван дер Крон, кој е воодушевен од Струмичкиот карневал.

 

„Кога човек еднаш ќе заплови во тие води, тешко дека повторно ќе излезе на копно, затоа што сака карневалската магија и еуфорија, вечно да трае“, сликовито го објаснија мештаните, своето учество на карневалот.

На синоќешната Интернационална карневалска вечера присуствуваа околу 2000 учесници од Македонија и странство распоредени во 41 група. Нивните креации ги оценуваа жири комисија, а за најдобрите во неколку категории, предвидени се и парични награди.

 

Pogledajte video:

Scroll to Top