Со резултат 28:27 ракометарите на „Вардар“ изгубија од „Монпелје“ во полуфиналето од Лигата на шампионите. Ракометарите на Раул Гонзалес нема да можат да ја одбранат титулата што лани ја освоија во Келн.
„Вардар“ во текот на целиот натпревар губеше и бркаше разлика од еден до три гола. На два пати во последните минути ракометарите имаа можност да го израмнат резултатот и да играат продолженија, но Вуко Борозан го промаши последниот напад.
Во интервју по мечот, капитенот на „Вардар“ Столе Стоилов рече дека тимот не функционираше добро и дека тоа можеше да го види и публиката во салата и на телевизија.
„Монпелје играше агресивно. Имавме шанса, ама ја испуштивме. Лани победивме на овој начин, а годинава како да ни се одмазди тоа, па изгубивме“, рече Стоилов.
Утре „Вардар“ ќе игра за третото место против „ПСЖ“, ланскиот противник од финалето. Во финалето, пак, ќе играат „Монпелје“ и „Нант“ на Кире Лазаров.
Фото: Спорт1.мк