Бесплатни културни настани и влез во сите музеи и културни установи за Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, Министерството за култура се приклучува во централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, изложба, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција.

Под наслов „Отворен ден за граѓаните“, ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.

Граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“,  Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.

Во Скопје ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза како и Конзерваторскиот центар (црквата Св. Спас).

Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, што ќе се одржи на платото на институцијата во 20 часот.

Оперските солисти од Националната опера и балет: Билјана Баевска (сопран), Нико Ѓоргиевски (тенор), Виктор Битовски (тенор), Надежда Рубен (сопран), Билјана Камчева (сопран) и Марија Наумовска (сопран), со пијано-придружба на Елена Сиљаноска, ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.

Во Кинотеката на Република Северна Македонија, пак, ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови кои имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.

По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.

Во документарниот филм за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, настапуваат: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам. Филмот „Медена земја“ се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, меѓу кои и наградите за најдобар документарен филм, за кинематографери и наградата „Impact and change“ на „Санденс филм фестивал 2019“; како и наградите за најдобар документарен филм на „DocsBarcelona 2019“, „DocAviv Film Festival 2019“ и „Montclair Film Festival 2019“. Исто така, филмот беше номиниран на 92. церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.

Во 20 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески. Филмот е во македонско-грчка копродукција и е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на „Солунскиот филмски фестивал“ во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17. издание на „Медитеранскиот филмски фестивал“ во Брисел. Во главните улоги настапуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет. Влезот и за двата филма е бесплатен.

Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, кај Школката во Градскиот парк во Скопје, во рамки на програмата од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо),

 

Scroll to Top