И покрај штрајкот на филмските работници во Холивуд, што трае веќе месец и половина, Филмскиот фестивал во Венеција нема да остане без американските ѕвезди.
Најстариот филмски фестивал во светот се одржува од 30 август до 9 септември годинава, а потврдено е дека на црвениот тепих ќе прошетаат Адам Драјвер, Џесика Честејн, Кејлеб Ландри Џонс и Мадс Микелсен. Драјвер би требало да го промовира новиот филм на Мајкл Ман Ферари каде што тој ја игра главната улога – на италијанскиот возач и основач на автомобилскиот бренд Скудерија Ферари, легендарниот Енцо Ферари.
Најавено е и присуство на Кејли Спени и Џејкоб Елорди, кои ги глумат Присила и Елвис Присли во новиот филм „Присила“, како и самата Присила Присли.
Од режисерите, на настанот ќе се појават Дејвид Финчер, Софија Копола, Ава Дуверни, Мајкл Ман, Јоргос Лантимос и Вуди Ален, како и иконата од Хонг Конг – Тони Леунг, кому ќе му биде доделена Награда за животно дело.