(Галерија) Низ прстен да те гледам во срце да ти влезам: Се венчаа Оливер и Елисавета во Галичник

Посетители и туристи од цела Македонија и регионот дојдоа и оваа година во Галичник за уште еднаш да бидат дел од најголемата традиционална свадба. Јубилејното 60-то издание на манифестацијата Галичка свадба, започна во петокот на 14-ти јули со голем број обичаи и со над стотици статисти.

И овој пат туристите имаа можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи и ритуали, збогатени со уникатниот колорит на народните носии и изворните песни и ора, карактеристични за овие предели од земјата.

И годинава беше испочитувана традицијата, инспирирана од желбата на жителите на Галичник обичаите на мијаците да ја сочуваат од заборав оваа голема манисфестација со антрополошка и етнолошка култура и историја. Галички зет и невеста беа Оливер Андреевски и Елисавета Булоска.

Свадбените активности, почнаа со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на фрлање три пушки од куќата на зетот. Беа изведени свадбарските ритуали пречек на топаните, а свекрвата го одигра свекрвиното оро.

Беше одиграно и „Тешкото“, кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви. Потоа, на платото пред познатата чешма Упија се играа невестинското и останатите традиционални свадбени ора.

Впечатлив обичај е бричењето на зетот средсело. Оливер има потекло од Галичник од каде потекнуваат и неговите предци. По овие обичаи тој со придружбата отиде до куќата на невестата Елисавета, која беше облечена во традиционална галич­ка носија.

„Низ прстен те гледам, во среце да ти велзам“, и оваа година потсети на традицијата, кога невестата низ прстен го гледа младоженецот кога тој доаѓа пред нејзиниот дом.

Венчавањето на младенците се одржа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Посетители од цела Македонија дојдоа во Галичник за уште еднаш да бидат дел од најголемата традиционална свадба. Меѓу нив беше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓорѓеивска.

За потсетување, над половина век се одржува Галичка свадба, а првата се одржала во 1963 година на Петровден. Оваа свадба е меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат. Со ваков наслов и влијателниот „Њујорк тајмс“ во 2019 ја препорача Галичката свадба.

 

 

 

Scroll to Top