Гинекологот од Малезија, д-р Џон Танг Инч Чинг, го измисли првиот унисекс кондом во светот кој можат да го користат и жени и мажи. Тој исто така е основач на компанијата „Twin Catalyst“ која се занимава со производство на медицински материјали.
Д-р Танг вели дека кондомот е многу тенок и издржлив, а изработен е од медицински полиуретан кој најчесто се користи како завој за преврзување на рани и други повреди. Тој се надева дека кондомот „Wondaleaf Unisex Condom“ ќе ги поттикне луѓето да преземат подобра контрола над своето сексуално здравје без оглед на полот или сексуалната ориентација. Тој додава дека кондомот поминал низ неколку кругови клиничко истражување и тестирање и треба да стане комерцијално достапен преку својата веб-страница на компанијата .
„Во суштина станува збор за обичен кондом со леплива обвивка. Благодарение на обвивката, кондомот се прицврстува за вагината или пенисот, а го покрива и околното подрачје поради зголемена заштита“, објаснува тој.
Во подеталното објаснување на веб-страницата, лекарот вели дека лепливиот дел на кондомот се наоѓа само на едната страна, но со оглед на тоа дека може да се преврти и на другата, може да го користат и двата пола.
Една кутија „Wondaleaf“ содржи два кондома и ќе чини околу 3 евра. Просечната цена за десетина кондоми во Малезија е меѓу 4 и 9 евра.
„Врз основа на бројните клинички испитувања кои ги спроведовме, јас сум прилично оптимистичен и верувам дека со текот на времето овој кондом ќе биде значаен придонес за многу други контрацептивни средства кои се користат во превенција од несакана бременост и сексуално преносливи болести“, заклучува гинекологот.