Македонски планинари успеаа да ја поминат Западната македонска трансверзала за 50 часа и 2 минути

Жикица Ивановски и Игор Јовановски членови на Trex успеаа да ја врзат и поминат Западната Македонска Трансверзала во еден обид, со време од 50 часа и 2 минути.

Овој подвиг на брзинско минување веројатно претставува и досега најбрзото минување на оваа делница.

„Авантурата започна на 24 август (четврток) во 18:02 од Вила Љуботен каде трочлената екипа составена од Жикица Ивановски, Антонио Каранфилоски и Игор Јовановски се впушти по една од најтешките планинарски делници во регионот која движи по целиот гребен на Шар Планина, Бистра, Стогово и Караорман во должина од 170 километри и цирка 8700 D+/-. После краткиот, груб, но возбудлив старт со невреме во пределот на Љуботен и Пирибег поради кој екипата мораше да се заслони 1,5 часа во бачилото на Бењамин од Нераште и неговите пријатели, временските услови се вратија во нормала и екипата ги очекуваше скоро па идеални можности за пешачење. Ноќта ја минаа со стабилно темпо минувајќи ги најтехничките предели на Доброшки, Пескови и Бистрички за да ги раздени некаде под Кобилица. Првата логистика направена од Војкан Недковски и Рафаил Додевски беше на Џинибег (над извори на Пена) каде екипата стигна за околу 18 часови односно во петок на пладне“, информиаат од Trex – Trail running extreme.

Жикица и Игор беа првите кои во 2020 и 2021 година успеаја да ја избуткаат цела Шара во цирка 1 ден до Маврово, но тогаш без успешно продолжување.

Сепак, искуството, условите, логистиката и енергијата се споија во успешна приказна оваа година.

Scroll to Top