Место кока-кола, фанта и спрајт, од сега па во иднина Русите ќе пијат кул-кола, фенси и стрит. Руската компанија „Очаково“ ја лансираше новата палета газирани пијалаци, кои треба да ги заменат легендарните западни брендови.
„Кул-кола го има легендарниот вкус на кола“, напиша компанијата на својот сајт, додека другите два пијалака се очигледна асоцијација на фанта и спрајт.
Иако производите на „Кока-Кола“ и натаму можат да се најдат во руските продавници, нивните цени пораснаа за околу 200% откако компанијата во март објави дека ги суспендира своите активности во земјата. Основана во 1978, „Очаково“ досега главно произведуваше традиционални руски пијалаци, како квас и медовина.
За потсетување, Русите останаа без легендарните западни брендови на својот пазар како резултат на инвазијата на Украина.