Од Џон Њуман до Џамбо Агушеви Оркестар и Констракта, „Егзит“ ги донесе најголемите ѕвезди во Струмица

Синоќа во Струмица по втор пат се одржа Get EXITed во организација на тимот на „ЕГЗИТ“ фестивалот во соработка со Општина Струмица. Забавата ја отворија Џамбо Агушеви Оркестар, еден од најдобрите трубачки ансамбли на Балканот, а по нив на бината се качи Констракта со својот бенд „Земља Грува“.

Потоа гитарскиот звук го донеса рок легендите, групата „Ван Гог“, по која следуваше специјалниот хибриден настап на светската поп и соул сензација Џон Њуман.

Публиката ја разигра глобалниот хитмејкер, продуцент и диџеј Бурак Јетер, додека во завршницата настапија младата продуцентка и диџејка Lanna и The Geors. Градоначалникот Костадин Костадинов, рече дека му е чест и задоволство што втора година по ред се одржува Get EXITed во Струмица.

„Сигурен сум дека ќе го имаме и наредната и понаредната и се додека можеме да шириме позитивна енергија на Балканот тоа ќе го правиме оти нештата кои можат да не обединат се таквите настани“, рече Костадинов.

За основачот на EXIT фестивалот Душан Ковачевиќ, овој проект ја враќа вербата и надежта дека подобрата иднина е можна не само на овие простори, туку во целиот свет.

„Тоа е суштината на овој проект, бидејќи токму на Балканот се случија некои лоши работи во векот кој е позади нас. Овие проекти се многу важни да посеат надеж дека е можен некој подобар свет“, рече Ковачевиќ.

Забавата ја следеа голем број посетители од Струмица, земјава и соседните држави, а се одржа во Големиот градски парк во Струмица.

Scroll to Top