Почина малиот Кико, не дочека лекување во Турција

Почина Кристијан Коцев-Кико, момчето за кое цела македонска јавност се крена на нозе за да собира донации за негово лекување. Неговата состојба се влошила во последниве два дена. Јутуберот Стефан Лазаров кој е во постојан контакт со семејството, за ова објави и на социјалните мрежи.

„Те засакав како помал брат, ова е најтешкиот ден во мојот живот.. Се дадовме за тебе, се бореше до крај како вистински победник, но за жал не успеа. Многу те сакам, многу ќе ми фалиш братче мое. Еден ден ќе се сретнеме и ќе си кажеме за многу работи кои останаа недокажани. Ти ме научи што значи да сакаш да живееш… Почивај во мир Кико“, напиша Лазаров.

Момчето требаше итно да замине на третман во Турција, но поради влошување на неговата здравствена состојба со неговата ретка болест тоа не се случи. Тој последно се лекуваше во приватна болница во Скопје, каде лекарите се бореа за неговиот живот.

Народот за четири дена собра пари за неговото лекување преку хуманитарната акција, која ја започна јутуберот Стефан Лазаров.

Дваесетгодишното момче Кико имаше ретка и тешка болест, Атаксија-телеангиектазија, која брзо прогресира и за кратко време доведува до сериозна состојба. Откако му се влоши здравствена состојба беше сместен во приватна болница во Скопје.

Scroll to Top