Природно чудо во САД: најголемата пустина со бел песок во светот каде што може да се кампува

„Вајт Сандс“ е национален парк во Соединетите Американски Држави. Овој поранешен државен природен споменик во државата Ново Мексико пред неколку години станал национален парк.

Тоа е вистинско чудо на природата кое се протега на 589,9 квадратни километри во округот Отеро. Во него преовладуваат песочни дини, односно гроздови од гипсени кристали кои му даваат блескава бела боја, а кои во некои делови се издигнуваат и до 18 метри во висина.

Се претпоставува дека дините настанале пред 7.000 до 10.000 години од еродиран селенит. Иако „Вајт Сандс“ се смета за најголемото поле на гипс-кристали во светот, оваа локација не е под заштита на УНЕСКО.

Локалните жители не сакаат да го номинираат за списокот на светското наследство, бидејќи стравуваат дека ќе мора да го затвори блискиот ракетен опсег „Вајт Сандс“, место за тестирање на воени проектили што е отворено од 1945 година.

Денес, националниот парк е дом на околу 600 безрбетници, 250 видови птици, 50 цицачи и 30 влекачи, како и 300 растителни видови. Го посетуваат околу 600.000 луѓе секоја година, кои обично ја поминуваат ноќта во шатор на одредено место за кампување. Погледнете како изгледа Националниот парк „Вајт Сандс“ во нашата фотогалерија.

Scroll to Top