Јапонската тенисерка Мију Като откри дека била дисквалификувана од Ролан Гарос затоа што удрила девојка која ги собирала топките со топка. Рече дека тоа немало да се случи ако погодела момче.
Нејзината изјава допре до многумина во светот на тенисот и многумина велат дека се изненадени од објаснувањето што го добила од организаторот на Грен слем турнирот во Париз.
Во двомечот во тандем со Алдила Сутијади, Като удри една од девојките кои ги собираа топчињата. Нејзините противнички Сара Сорибес Тормо и Марија Бузкова протестираа, па Като беше дисквалификувана.
„Судијата и супервизорот ми рекоа ако собирачот на топки беше машко, тогаш сè ќе беше во ред. Ми објаснија дека девојката плачела повеќе од 15 минути и морале да донесат одлука. Ако прекинеше да плаче по пет минути, сè ќе беше во ред. Исто ќе беше ако топката удрела во раката или во ногата, но затоа што ја погодила во вратот, сè беше поинаку“, рече Като за тенискиот портал „Клеј“.
Като рече дека по мечот добила порака од Бузкова која ѝ се извинила.
„Сара не ми прати никаква порака, додека Марија ме разочара, затоа што заедно игравме во Чарлстон и ми изгледаше пријателски настроена“, рече Като.
„Поминав неколку часа во соблекувалната. Не ги проверував социјалните мрежи, не разговарав со никого, морав да направам и допинг тест. Сериозно размислував да се спакувам и да одам назад дома во Јапонија“, додаде таа.
За среќа, остана во Париз и продолжи да игра мешани двојки. Ја освои титулата со Тим Пуц од Германија.
„Ништо не ми беше забавно до тој ден на финалето. Успеав да се опоравам, добив многу пораки со поддршка и сакам да им заблагодарам на сите за истите. Би сакал да играм мешано на Вимблдон, но не најдов партнер”, рече Като.