
Со цел за поголема промоција и афирмација на современата македонска џез сцена, продуцентската куќа Трето Уво, организира циклус на концерти под наслов JAZZOTERIA – серија од шест ексклузивни настапи на врвни македонски џез музичари: Гордан Спасовски, Дуња Иванова, Тони Китановски, Георги Шарески, Оливер Јосифовски и Ѓоле Максимовски, што ќе се одржат во аудиоцентарот Аудиокултура Скопје
JAZZOTERIA претставува интимен и автентичен музички формат, во кој секој од уметниците ќе се има свој соло рецитал, откривајќи ја личната музичка визија, импровизацијата и креативната слобода што ја носи џезот.
Публиката ќе има ретка можност да ги слушне овие исклучителни музичари во блиска и акустично совршена атмосфера.
„JAZZOTERIA има за цел да поттикне промоцијата и популаризацијата на сè поквалитетната македонска џез сцена, која во последните години се развива со силна креативна енергија и со музичари што се препознатливи и надвор од земјата. Преку овие концерти се отвора простор за директна комуникација меѓу уметниците и публиката, како и за ново доживување на современиот џез израз.“ – вели Иво Јанкоски продуцент на проектот.
Организатор на циклусот е продуцентската куќа Трето Уво, која со години активно делува на македонската музичка сцена преку организација на концерти, фестивали и музички проекти.
Циклусот на џез концерти JAZZOTERIA е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Текстот Циклус џез концерти со врвни македонски музичари – JAZZOTERIA во Скопје е превземен од МАКФАКС.






