Убиен раперот АКА додека одел накај ноќен клуб за да си го прослави роденденот

Африканскиот рапер Кирнан Форбс, попознат како АКА, е убиен во градот Дурбан, Јужна Африка додека одел накај ноќен клуб за да си го прослави роденденот. Со Форбс е убиен и неговиот близок пријател, готвачот и претприемач Тебел Тибз Моцоане.

Мотивот за убиството за сега е непознат, а полицијата вели дека трага по сторителите.

За смртта на популарниот рапер јавноста ја информираа неговите родители.

„Со голема тага ве известуваме за смртта на нашиот син. Почина трагично на 10 февруари 2023 година. Се надеваме дека полицијата наскоро ќе ни даде повеќе детали. Беше син, брат, внук, братучед, пријател и што е најважно татко. За многумина ќе остане познатиот АКА. Тој сакаше и беше сакан. Ја бараме вашата приватност во овие тешки моменти. Ви благодариме за зборовите на поддршка. Тони и Лин Форбс“, напишаа неговите родители преку профилите на Форбс на социјалните мрежи.

АКА ја почна својата кариера како член на групата „Ентити“. Тој на крајот на февруари требаше да издаде нов албум.

Добитник е на бројни награди, неколку пати беше номиниран за BET (Black Entertainment Television Award) и еднаш за „MTV Europe Music Award“.

Scroll to Top