Во Хамбург соборен светски рекорд за најмногу лица облечени како Хари Потер

Во Хамбург беше соборен светскиот рекорд откако стотици обожаватели на Хари Потер облечени како Хари Потер се собраа во центарот на градот. 1748 лица беа облечени во црните наметки со тркалезни очила и лузни од гром на челата и изгледаа како момчето волшебник.

Тие го соборија претходниот рекорд кога 997 лица исто така се маскираа како Хари Потер. Имало и други обожаватели маскирани како Хари Потер кои сакале да учествуваат на настанот, но некои од нив не успеале да влезат во оградената област пред градското собрание пренесе германската регионална телевизија. Од полицијата соопштија дека повеќе од 4.400 луѓе биле на фестивалот.

Германскиот актер Руфус Бек, кој ги раскажува аудио книгите на германски, како што тоа славно го правеше Стивен Фрај на англиски, беше почесен гостин на настанот.

Настанот беше посветен на 25-годишнината од објавувањето на германскиот превод на првата книга за Хари Потер -„Хари Потер и филозофскиот камен“. Бестселерот на Џ.К. Роулинг првпат се појави на англиски една година порано, во 1997 година.

За потсетување, оригиналната серија на Хари Потер се состои од седум книги објавени од 1997-2007 година, а секоја книга го следи младиот волшебник и неговите пријатели во текот на една учебна година во школата за вештерство и волшепство Хогвортс. Подоцнежната осма книга за Хари Потер беше напишана како драма, чија премиера беше во 2016 година.

Scroll to Top