Започна Викендот на Гордоста во Скопје

Вчера започна единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје 2023. Фестивалот се отвори во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ на познатиот уметник Карол Раѓишевски.

На изложбата беа претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин „ДИК“ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал.

Денес во 21 часот во МСУ, ќе се одржи перформансот „ОСУДЕНИК“ на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика Малик Нашад Шарпе, чии настапи се познати по сценирањето на силна атмосфера.

Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје ќе трае од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“.

Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија и има за цел е да создаде простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.

Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски  се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.

Scroll to Top