Поп-иконата Мадона откри дека на нејзиниот нов албум „Confessions II“, кој официјално ќе биде објавен на 3 јули, ќе се најде и специјална песна снимена заедно со нејзината 29-годишна ќерка Лола Леон.
Пред објавувањето на албумот, пејачката сподели краток клип од песната „The Test“, откривајќи дека зад неа се крие длабоко лична приказна за нивниот однос и обидот повторно да се зближат.

Песна што ја променила нивната врска
Мадона објасни дека идејата за заедничката песна дошла токму од Лола.
„Таа дојде кај мене со идеја заедно да ја напишеме песната за да ја продлабочиме нашата врска. Тоа беше навистина важен момент и ми потврди дека е вистинското време да го снимам овој албум“, изјави пејачката, пренесува Just Jared.
Песната „The Test“ зборува за нивниот однос, предизвиците низ кои поминале и желбата преку музиката подобро да се разберат.

Лола со години одбивала да соработува со мајка си
Мадона откри дека нејзината ќерка долго време не сакала да работи со неа, бидејќи сакала самостојно да ја гради својата кариера.
„Таа не сакаше луѓето да мислат дека успева само затоа што е моја ќерка. Сакаше сама да се избори за своето место и навистина го почитувам тоа“, рече Мадона.
Според неа, Лола отсекогаш настојувала да се дистанцира од етикетата „ќерка на Мадона“ и да докаже дека може да успее со сопствен труд.
Искрен разговор по долг период
Пејачката откри и дека Лола подоцна ѝ признала колку ѝ било тешко да расте во сенката на една од најголемите светски музички ѕвезди.
Таа чувствувала одредено незадоволство затоа што никогаш немала можност сама да го избере таквиот живот и вниманието што го носи славата.

Токму поради тоа, Лола предложила да создадат песна заедно, верувајќи дека заедничкиот креативен процес ќе им помогне повторно да се поврзат и подобро да се разберат.
Мадона без двоумење ја прифатила идејата, а резултатот е емотивната песна „The Test“, која ќе биде дел од долгоочекуваниот албум „Confessions II“.
Обожавателите веќе ја поздравија нивната прва музичка соработка, оценувајќи дека станува збор за еден од најличните проекти во кариерата на легендарната поп-ѕвезда.






