Ѕвезда од „Игра на троновите“ поминала низ пекол: „Ме искористија, завршив во болница по нервен слом“

Актерката Хана Мареј, позната по улогата во популарната серија „Игра на троновите“, откри шокантни детали од својот приватен живот, признавајќи дека на 27-годишна возраст доживеала тежок психички колапс откако станала дел од, како што ја нарекува, „секта за благосостојба“.

Денес 36-годишната актерка за овие тешки животни моменти отворено зборува во своите претстојни мемоари со наслов „Измамата: Мемоари за магија и лудило“, во кои детално опишува како потрагата по внатрешен мир и чувство на посебност постепено ја вовлекле во опасен круг.

Мареј открива дека долго време чувствувала празнина и барала нешто што повторно ќе ѝ го даде чувството на уникатност што претходно го пронаоѓала преку актерската кариера. Во потрагата по одговори, таа се свртела кон книги за самопомош, медитација, дневници за благодарност и психоаналитичари.

Но, на 27-годишна возраст, како што вели, завршила во она што подоцна го нарекла „култ на благосостојба“.

Во интервју за „Гардијан“, пред објавувањето на книгата, Мареј открила дека ѝ биле ветувани „мудрост и уникатност“, но наместо тоа изгубила илјадници фунти, а нејзината психичка состојба драстично се влошила.

„Премалку критички размислуваме за индустријата за благосостојба и за начинот на кој таа се претвори во огромен бизнис“, изјавила актерката.

Таа била вовлечена во организацијата преку личен асистент за време на снимањето на филмот „Детроит“, кога се запознала со т.н. „енергетски исцелител“.

Наскоро почнала да плаќа стотици фунти за различни курсеви и духовни сесии, а додека работела на „Игра на троновите“, станала сè повеќе опседната со ритуали и духовни практики.

„Сакав да одам сè подалеку и подалеку“, признала таа.

Актерката открива дека била толку заслепена од организацијата што воопшто не се обидела да ја провери на интернет, каде подоцна пронашла бројни сведоштва за финансиски измами.

Во своите мемоари пишува:

„Пирамидата беше создадена за да ги искористува сите што ќе се обидат да успеат преку неа. Сите, освен една личност – човекот што седеше на самиот врв.“

Со текот на времето, нејзината состојба драматично се влошувала. Таа почнала да халуцинира, спиела многу малку, зборувала со огромна брзина и била убедена дека ја очекува „неверојатна судбина“.

Кулминацијата дошла кога, опкружена со следбеници на организацијата, се заклучила во тоалет додека други членови викале:

„Излезете, зли духови на Хана“.

Веднаш потоа била пренесена во болница, каде останала хоспитализирана 28 дена.

Подоцна лекарите ѝ дијагностицирале биполарно растројство.

Со својата приказна, Мареј сака да предупреди колку лесно луѓето можат да станат ранливи кога бараат личен мир, припадност или одговори во тешки животни периоди.

Scroll to Top