„Адидас“ претстави специјални патики посветени на сплитска „Југопластика“

Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ претстави специјални патики во боите на сплитска „Југопластика“ во знак на сеќавање и почит кон кошаркарскиот клуб кој на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите трипати по ред беше шампион на Европа.

Патиките, варијанта на легендарниот кошаркарски модел на „Адидас“ од 80-тите, „форум“, се во боите на клубот од поранешна Југославија, а произведени се само 150 чифта, кои ќе одат заедно со спортски торби и шишиња за вода со ознаките на клубот.

 

Патиките, кои за некои ексју-кошаркарски фанови би биле вистинско богатство, нема да се најдат во слободна продажба, туку ќе им бидат доделени на среќните добитници на хуманитарна лотарија што ја организираат „Адидас“ и синџирот продавници за спортска опрема БСТН.

Специјалните ретро патики се и своевидна посвета и израз на благодарност од германската компанија за некогашниот партнер – фабриката „Југопластика“ од Сплит, своевремено главен спонзор на кошаркарскиот клуб, која произведувала 4,5 милиони спортски торби годишно за „Адидас“ во 80-тите.

КК „Југопластика“, подоцна со името „Поп 84“, беше апсолутно доминантна сила во европската клупска кошарка пред 30-ина години, а во клубот, од кој потекнаа хрватските кошаркарски легенди Тони Кукоч и Дино Раѓа, во шампионските денови играше и поранешниот македонски кошаркар Петар Наумовски.

Scroll to Top