Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, преку јавно соопштение откри дека докторите, медицинските сестри и целокупниот технички персонал во болниците ќе имаат приоритет при купувањето влезници за Европското првенство во фудбал, за да ја бодрат македонската репрезентација, а дури потоа останатите граѓани. ФФМ, исто како и секоја федерација на земјите учеснички на ЕП има одреден број влезници што ќе ги продава на граѓаните во својата земја.
Оваа одлука ја донесе Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, во знак на благодарност на сите што со месеци се борат со короната. Од ФФМ се надеваат дека состојбата со коронавирусот ќе се стабилизира, а УЕФА ќе дозволи натпреварите на Европското првенство, да се играат пред публика.
„Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да нè заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности. Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година, нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандрите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе го постигнат на Европското првенство“, стои во соопштението на Сејдини.
Следното Европско првенство ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули 2021 година, во 12 држави, а Македонија првпат ќе игра на вакво големо натпреварување.