Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија денес потврди дека Игор Ангеловски – Мрме ќе ја предводи македонската репрезентација на Европското првенство, што ќе се игра од 11 јуни до 11 јули годинава. Мрме имаше договор до ноември лани, а потоа во јавноста се појавија пишувања дека ФФМ преговара со Роберт Просинечки да биде нов селектор на репрезентацијата.
Раководството на ФФМ и селекторот Ангеловски сепак ги усогласија ставовите за новиот договор, па Мрме ќе остане да ја води репрезентацијата и на ЕП.
„Благодарност до претседателот на Федерацијата и до Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа. Ќе го вложам целиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и до јавноста за поддршката. Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите на улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот Ангеловски.
Слична изјава имаше и претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
„Денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали во врска со продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување некоја позиција.Се гордееме на сѐ што направивме како репрезентација и Федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа како што беше и досега,“ рече тој.
За потсетување, на 45. средби Македонија под водство на Ангеловски има најдобар скор од 20 победи, 10 нерешени натпревари и 15 порази, што го прави најуспешен селектор во историјата.