Светското првенство во ракомет ќе се игра без публика

Светското првенство во ракомет што ќе се одржи од 13 до 31 јануари во Египет, сепак ќе се игра без публика. Иако организаторите најавија дека на секој натпревар ќе може да има одреден број гледачи, тие ја сменија својата одлука само неколку дена пред почетокот на шампионатот. СП започнува со натпреварот Египет – Чиле.

Одлуката да се затворат вратите за гледачите беше донесена денеска на состанокот на кој присуствуваа египетскиот премиер Мостафа Мадбули, министерот за млади и спорт Ашреф Соби, претседателот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) Хасан Мустафа и претседателот на Организацискиот комитет и египетската ракометна федерација, Хешам Наср.

Според првичниот план, салите требаше да се полни само 20 проценти од нивниот капацитет, но бидејќи епидемијата со короната не стивнува, гледачи нема да има.

На Светското првенство, за прв пат ќе играат 32 репрезентации, а натпреварите ќе се одржат во четири сали.

Во Египет досега се пријавени околу 150 000 случаи на короновирус, а починале 8100 лица.

Scroll to Top