Легендарниот фудбалер на „Манчестер јунајтед“, Вејн Руни, ја заврши својата професионална играчка кариера. Тој е назначен за постојан менаџер на второлигашкиот клуб „Дерби“ откога неодамна беше избран за привремен тренер на клубот.
Поранешниот капитен на Англија со „Дерби“ досега оствари 3 победи, 2 пораза и 4 реми во девет натпревари, па доби договор до 2023 година. Негова прва цел е да избегне испаѓање на клубот во третата лига. Негови помошници ќе бидат Лајам Росениор, Шеј Гивен и Џастин Вокер, а поранешниот помошник на сер Алекс Фергусон, Стив Мекларен, останува технички директор на клубот.
Руни беше играч и тренер на „Дерби“ откако се врати во Англија по настапите во МЛС-лигата, каде што играше за „Ди Си јунјатед“.
„Кога се вратив во Британија, бев воодушевен од потенцијалот на ‘Дерби каунти’. Стадионот, тренинг-центарот, квалитетот на тренерскиот тим и одличните млади фудбалери, но секако и фантастичните навивачи што останаа лојални на клубот. Имав и други понуди, но знаев дека ‘Дерби’ е клуб за мене“, вели 35-годишниот Руни.
Руни останува најдобар стрелец во историјата на „Манчестер јунајтед“ и на англиската репрезентација. Тој го следи примерот на својот поранешен соиграч од репрезентацијата, Френк Лампард, кој го однесе „Дерби“ до плејофот за влез во Премиер лигата во 2019, потоа стана тренер на „Челси“.