(Галерија) Панкот и гоблените се повторно во тренд: Со три ревии се отвори Модниот фестивал Скопје

Со коктел и три ревии, вчеравечер во Сити мол почна втората сезона на „Модниот фестивал Скопје“. На свеченото отворање се одржаа три ревии и тоа на македонската дизајнерка Маја Кикириткова, на косовскиот дизајнер Етник Шала и студентите на Академијата на моден дизајн.

Под називот „Ти можеш, ти си силна“ Маја Кикириткова претстави уникатни креации скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата боја беа вметнати во парчињата со сериозен крој.

„Инспирацијата лежи во жената во својата најдлабока форма, жена која навидум изгледа како санта мраз, но со еден допир станува мека, нежна“, вели дизајнерката за својата најнова колекција.

По неа своите модели ги прикажа косовскиот дизајнер Етник Шала, кој првпат претставува дизајни во Македонија. Тој на посетителите им се претстави преку авангардна ревија на својата најнова колекција, во чиј фокус беше гобленот. Во оваа колекција доминираа тонови на жолта, кафена и зелена боја, комбинирани со розово.

„Секогаш се трудам да создавам сентиментални креации врзани со моето детство и местото од каде потекнувам. Секое парче е всушност уметничко дело направено преку механички слики извезени во бројки и бои“, изјави Шала.

Крајот на првата вечер беше посветен на младите македонски дизајнери, студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија – „Скала“. Инспирирани од претходните декади и панкерската нота, петте студентки (Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска) покажаа експериментални трендови што не влегуваат во рамките на секојдневната мода. Во фокусот беа смели комбинации од каро здолниште и блузи од тантела и ракавици.

Моделите ги носеа манекенки од Модното студио Црнокрак.

Фестивалот продолжува денес со втората вечер, а своите нови колекциите ќе ги претстават дизајнерките Мелани Дигит, Сара Реџиќ, модното ателје Краљевски и најновата линија од Роберт Ивановски.

Фото: Антонио Станков

Scroll to Top