Мечка во Америка направила 400 селфија пред камера поставена во природен резерват

Мечка направила 580 фотографии од кои 400 се селфи на камера поставена во природниот резерват во близина на американскиот град Боулдер.

Во овој резерват имаат девет камери распоредени на 46.000 хектари под надлежност на организацијата Отворен простор и планински паркови. Целта е камерите да детектираат како животните ја користат земјата за да може организацијата да препорача мерки за заштита на чувствителните живеалишта.

Друга придобивка од камерите е тоа што тие ја минимизираат потребата луѓето да шетаат низ областите. Камерите фотографираат кога некој ќе застане пред нив, а можат да снимаат и видеа во траење од 10 до 30 секунди.

Фотографиите од дивиот свет всушност станаа ризница на податоци за истражувачите. Потребно е многу време и пари за да се следи еден вид во дивината и да се процени неговиот ризик од истребување, што не е секогаш можно, а чини многу. Со цел да се добијат некои податоци, се инсталираат камери за диви животни и се користи машинско учење за попрецизна проценка на големината на популацијата.

За среќа на мечката која поминала подолго време пред камерата во резерват во близина на градот Боулдер во американската сојузна држава Колорадо, американската црна мечка не е загрозен вид и нивниот број се зголемува.

Scroll to Top