Светското првенство во ракомет што ќе се одржи во Египет од 13 до 31 јануари догодина ќе се игра со публика, информираа организаторите. Ова е прво големо првенство на кое Македонија нема да учествува, бидејќи не доби вајлд-карта од ИХФ. На првенството ќе се натпреваруваат 32 репрезентации.
И покрај најавите за нормализирање на условите за игра, поради пандемијата со коронавирусот, германските клубови сè повеќе се жалат и сакаат првенството догодина да биде откажано. Нивниот предлог беше отфрлен од Светската ракометна организација, но оттаму велат дека е веќе направен посебен протокол за Ковид-19.
Комисијата за здравство на ИХФ одлучи сите учесници на Светското првенство пред доаѓањето во Египет да имаат негативни тестови на коронавирус не постари од 48 часа, а ќе се тестирааат и веднаш по пристигнувањето. Исто така, учесниците ќе се тестираат на секои 72 часа и ако се појави спортист со позитивен тест, ракометарот веднаш ќе биде испратен во карантин.
Од ИХФ најавија и дека натпреварите ќе се играат пред публика, но само во 25 до 30 проценти од капацитетот на арената. Секој присутен во арената ќе мора да носи маска и да ја почитува пропишаната социјална дистанца.