Четиригодишната Гада Ајан и татко ѝ Ахмет повторно се видоа откако со денови беа заробени под урнатините по силниот земјотрес во Турција. Гада е спасена и однесена во болница.
„Кога почна да се тресе ја фатив ќерка ми и со семејството почнавме да бегаме. Куќата се сруши врз нас“, рече Ахмет во разговор за „Си-ен-ен Турк“ и додаде дека за жал неговата сопруга и седумгодишен син не успеале да се спасат.
Рече дека под урнатите по некое време го слушнал син му како плаче. Гада лежела на неговата нога и двајцата биле заробени. По четвртиот ден изгубил надеж, но малата Гада не му дозволила да се предаде.
„Цело време ми зборуваше да престанам да плачам и да гледам во светлината. Тоа ме одржа во живот“, рече Ахмет.
Гада е првата која спасувачите ја извлекоа. По половина час го спасиле и Ахмет.
„Тоа е мојата девојка. Таа е мојот херој“, рече тој.
За потсетување, бројот на жртви во силниот земјотрес расте од час во час. Во моментов ја надмина бројката од 40.000.