Од неодамна на македонскиот музички простор е и новата група Strangers. Деновиве тие го објавија својот прв спот за песната „Врели модели“, а најавија и нови песни и видеоспотови.
Членовите на групата велат дека за кратко време планираат да ја освојат помладата публика и љубителите на трап-музиката. Спотот е сниман на повеќе локации низ Македонија, а го снимаше М. Кангалов.
„Се снимаше во Велес, во дискотека во Штип и Пониква и веднаш наидовме на позитивни реакции од публиката“, вели Андре Миске, едниот од пејачите, кој веќе ѝ е познат на публиката.
Миске досега има соработувано со некои од македонските пејачи, како Ноне Неделковска, Роберт Билбилов и Александар Тарабунов, а пред еден месец сними дует со поранешната сопруга на Даниел Кајмаковски, моделот Кристина Димитри. Двајцата ја снимија песната „Сакам пак“.
„Во иднина планираме и нови песни и мислиме дека ќе бидеме одлично освежување во македонскиот музички етер“, велат момците од Strangers.