(Видео) Жена секој ден одела во метро за да го слушне гласот на покојниот сопруг

Докторката Маргарет МекКолум секој ден одела на метро станицата Ембенкмент во Лондон за да го слушне гласот на нејзиниот покоен сопруг Освалд Лоренс. Тој ги изговарал зборовите со кои патниците се предупредуваат дека пристигнува воз и да не се приближуваат до пругата.

Освалд бил актер, а неговиот глас за најавата за Северната линија во Лондон е снимен во 1950-те години, пишува „Унилад“.

Двојката се запознала во 1992 година и живееле во северен Лондон до смртта на Лоренс во 2007 година.

„Откако умре, седев и го чекав следниот воз само за да го слушнам неговиот глас“, рекла Маргарет и додала дека снимката ѝ помогнала да го задржи сеќавањето на нејзиниот сопруг.

Меѓутоа, на 1 ноември 2012 година, гласот на Освалд престанал да се користи, па таа се обратила до управата на јавниот транспорт за да открие што се случило.

„Се распрашував и ми рекоа дека е воведен нов дигитален систем, па неговиот глас повеќе нема да се слуша“, открила Маргарет во интервјуто. Сепак персоналот, кога ја слушнал нејзината приказна, ѝ ја дал снимката од гласот на нејзиниот сопруг.

„Бевме многу трогнати од нејзината приказна, па вработените ја следеа снимката и не само што ја испратија до Маргарет, туку работат на обновување на најавата во станицата Ембенкмент“, изјавил директорот на лондонското метро, Најџел Холнс.

Маргарет повторно го слушнала гласот на својот сопруг за Нова година, а нејзината трогателна приказна е снимена во 2014 година во краток филм.

„Решивме да го пуштиме гласот три пати пред воз да влезе на станицата, а потоа да ги дадеме нашите дополнителни најави“, рекле од железницата.

Scroll to Top