Бојан Јамброшиќ: Не беше лесно да бидам Јосипа Лисац

Хрватскиот пејач Бојан Јамброшиќ вечерва ќе настапува на василичарскиот концерт „ Simply the best“ кој ќе се одржува во МОБ и трае три дена. Јамброшиќ е победникот на хрватското шоу „Твоето лице звучи познато“ каде имаше беспрекорна имитација на Јосипа Лисац.  Пее од својата десетта година. Во 2009 година победил на музичкото талент-шоу „Хрватска бара ѕвезда“, кога почнала неговата музика кариера. Досега има снимено два албума, се натпреварувал во шоуто „Танц со ѕвездите“, настапувал како предгрупа на концертот на „Бекстрит бојс“. Бојан синхронизира цртани филмови, а има глумено и во пет мјузикли.

„Мјузиклите ми се прва љубов. Тука можам и да глумам и да пеам истовремено, и затоа ги сакам. Се надевам дека ќе глумам барем уште во педесет и пет мјузикли до крајот на кариерата“, раскажа Бојан во интервјуто за „Репортер“.

Учеството на Василичарскиот концерт го договорил со неколку пораки.

„Горан Наумовски ме праша дали сум слободен и се договоривме веднаш. Во Скопје сум веќе два дена, а не сум бил тука од 2011 година. Многу е сменето, тогаш се правеше плоштадот. Жал ми е што не работи фонтаната, затоа ќе мора да дојдам во Скопје и преку лето“, рече Бојан.

Хрватската јавност го запозна Бојан по учеството во шоуто „Хрватска бара ѕвезда“. Вели дека не ја очекувал победата.

„Тоа ми беше четврто шоу на кое се пријавив. Кога во финалето требаше да го прогласат победникот, само си велев ‘изгледај среќен кога ќе го кажат името на другиот, немој да покажеш дека си разочаран’. Се изненадив кога го прочитаа моето име“, вели тој.

 

„ТЛЗП е искуство што не се опишува зашто шоуто  може да извлече од тебе работи што не знаеш дека ги имаш во себе. Се плашев како ќе ме коментираат колегите зашто најчесто добивав задачи да имитирам хрватски изведувачи и не сакав да помислат дека им се потсмевам. Јосипа беше супер, дури и кажа која моја песна ѝ е омилена, ми беше убаво да слушнам пофалби од една таква дива“, ни рече Бојан.

Андријана Јовановска

Scroll to Top