Бракот не треба многу да нè промени

Изминативе денови вниманието на јавноста е свртено кон поп-ѕвездата Каролина Гочева. Четири одржани концерт во МОБ и промоција на новиот албум „Извор“. Ноќ на емоции, романтика и љубов. Во пресрет на следните три концерти Каролина беше гостинка во студиото на „Репортер“. Освен за музиката, зборуваме и за љубовта, бракот, носталгијата за Битола, семејството. Сè уште под импресии од магијата што ѝ се случи, таа вели дека на албумот и на концертот се работело долго време и со многу љубов.

„Да бидам искрена, не знаевме како ќе реагира публиката, дали ќе ѝ се допадне сето ова. Колку и да си долго на музичката сцена, тоа е нова одговорност. Но, ете се случи таа магија, од ден на ден сè поголема, и ако првиот ден имав трема, сега едвај ги чекам следните три концерти“, искрена е Каролина.

Албумот „Извор“ се разликува жанровски од претходните „Македонско девојче 1 и 2“ оти има повеќе примеси на поп.

„Сепак, бевме уплашени дали ќе успееме да одговориме од тоа што се очекува од нас. Но, за еден музичар нема поголема радост од тоа кога музиката ќе допре до публиката“.

Портретот што нејзиниот сопруг Михаил го нацрта за концертот ја прави горда. Вели дека оваа нивна заедничка идеја ја криеле цела година. На прашањето дали од прва ја погодил во цртањето, низ насмевка вели: „Не знам, јас го видов портерот кога беше готов“. Среќна во љубовта и бракот, ни раскажа дека на свадбата со Михаил имале само 300 луѓе и дека тоа било одлична забава.

Пред да се земат, една и пол година биле во врска. „Сметам дека бракот не треба многу да те промени. Јас не сум личност што сака да се експонира, па затоа и не ставам многу наши заеднички слики на социјалните мрежи“, додава поп-ѕвездата. Ни откри дека и денес е заштитнички настроена кон сестра си Сандра, дека внуките Луција и Инес се нејзината голема љубов и дека често оди во Битола.

Во однос на македонската музичка сцена, таа вели никогаш не било полесно од сега да си познат. „Сега само имај профил и желба за експонирање или мотив за егзибиционизам и доволно е“, вели Каролина. На 9 март е закажан концерт во Охрид, а во план се концерти и во други градови низ земјава, како и издавање на албумот за балканскиот пазар.

Александра Георгиев

Scroll to Top