Шефицата на протоколот на премиерот Зоран Заев, Иванна Хаџиевска, меѓу првите објави фотографија со газдата на телевизијата „А1“, Велија Рамковски, под која напиша дека повторно ѝ ја вратил насмевката. По струшка линија го бранеше Дарко Лешовски. Беше водителка на некогаш популарната „Ексклузив“ и доволно провокативна во календарот на „Пелистерка“ во 2011 година.
Со Иванна разговаравме и на многу други теми. Таа ни откри како е да се биде шеф на протоколот на Заев и како се нашла во таа приказна. Но, разговараме и за љубовта, бракот, нејзините денови во „А1“, за љубовта кон животните, за модата.
„Да се работи со премиерот Заев е огромно задоволство. Но, не затоа што се работи за премиер на државата, туку, пред сѐ, затоа што јас работам за човек, а потоа за политичар“, ни открива Хаџиевска. Таа вели дека како дипломиран социолог, а подоцна и магистер на политички науки, по некој редослед на настаните се нашла во оваа политичка приказна. „Политиката можеби не е во центарот на моето работење, но ако некогаш решам да се занимавам со политика и да станам политичар, навистина имам добра подготовка“, раскажува таа.
Се потсети на времето кога работеше во „А1“ со екипата на „Ексклузив“. Вели дека тоа ѝ е најубавиот период од животот, но и дека тешко ѝ паднало затворањето на телевизијата. „Кога се затвори телевизијата, утредента телефонот престана да ми ѕвони. Тогаш сфатив кои ми се вистински пријатели“, искрена е шефицата на протоколот на Заев.
За Велија Рамковски вели: „Природно е да му бидам благодарна на Велија. И колегите и јас поминевме низ сѐ и сешто. Од Велија може многу да се научи. Често знам да кажам дека кога разговарате со него, го слушате и го пиете неговиот муабет. Тој е непресушен извор на информации и инспирација.
Иванна нѐ потсети и на уметничките, малку провокативни фотографии, кои ги работеше со режисерот Чадо Поповски, велејќи дека кога осамнале билбордите низ Скопје, се чувствувала како филмска ѕвезда. Ни откри дека им помага на животните и децата со посебни потреби. Дека не троши многу пари на скапа гардероба, но сака да се облече убаво.
На прашањето за бракот со Влатко вели: Тоа е човекот на мојот живот и уште 100 животи да имам, пак би се омажила за него. Тој ме поддржува и ме разбира во сѐ и тој е мојата најголема поддршка, а јас ја имав таа среќна ѕвезда да бидам со него.
Александра Георгиев